Барем на хартија, канадската репрезентација има еден од најсилните тимови на Светското првенство, преполн со НБА кошаркари кои играат значајна улога во своите екипи.
Дека се сериозен тим, Канаѓаните покажаа во пријателскиот дуел со актуелниот светски и европски шампион, одигран во Гранада. Канада славеше со 85-80 по продолжение иако пред два дена остана без својата прва ѕвезда Џамал Мареј кој го откажа настапот на Мундобаскетот.
Блескаше играчот на Оклахома, Шеј Гилџес-Александер кој постигна 22 поена, а се истакнаа уште Ар Џеј Берет со 18 и Двајт Пауел со 12 поени и 12 скока. За Шпанија, ова е втор пораз во низа на овие подготовки откако во неделата загубија од САД со 88-98. Хуанчо Хернангомес постигна 12 поен, а двоцифрен беше само уште Усман Гаруба со 10.