Јуниорската репрезентација на Македонија со максимални четири порази ја заврши групната фаза од Европското првенство Б-дивизија во Софија.
Подобра од нашата селекција беше и Данска, екипа која до ова коло, исто така, беше без победа на овој шампионат, но денеска ја победи Македонија со убедливи 73-40. Одлучи катастрофалното второ полувреме во кое македонската репрезентација постигна само 16 поени, а прими 42.

Нашите кошаркарки беа рамноправни во првите 20 минути, неколку пат имаа и водство, а на минута пред крајот на полувремето беа во минимална негатива (24-26). Во последните 50 секунди примија пет поени и тоа беше најава за она што ќе се случува во продолжение. Заедно со тие пет поени, Данска направи серија од 13-0 за водство од 39-24, Македонија беше без кош околу осум минути и тука беше крајот на сите надежи за прва победа на првенството.
Македонија повторно беше инфериорна во скокот, имаше 19 прифатени топки помалку од противникот (57/38) и имаше 11 загубени топки повеќе (25/14). Најефикасна беше Милица Николиќ со 14 поени, а со двоцифрен ефект заврши уште Милованова која постигна 10.
Македонската репрезентација сега оди во борба за пласман од 9. до 18. позиција, а вечерва ќе ги добие останатите противници во групата, како и распоредот на натпреварите.