Дебаклот што го доживеа француската репрезентација на Светското првенство не смее да се повтори, особено не на домашен терен, па „триколорите“ многу веројатно на Олимписките игри во Париз ќе настапат во многу посилен состав.
Своето учество го потврди и првиот пик на годинашниот НБА драфт, Виктор Вембанјама кој најави дека главна цел на француската репрезентација ќе биде златото.
„Добар настап на Олимписките игри би била прекрасна приказна. Ќе бидам на Игрите и немаме друга цел, освен освојување на титулата. Светското првенство беше разочарување, но не можам да судам бидејќи не учествував на тоа натпреварување“, изјави Вембанјама.
Ова е трета репрезентација во последните десетина дена која истакна шампионски амбиции за Олимписките игри во Париз. Непосредно по финалето на Мундијалот, американските медиуми објавија дека Леброн Џејмс ќе го прави тимот на САД и дека своето учество го потврдиле повеќе мега-ѕвезди од НБА, а при пречекот на српската репрезентација, претседателот на нашиот северен сосед најави бонус од 250 илјади евра за секој кошаркар за титула на Олимписките игри.