И Коби Брајант знаеше дека Харден не е материјал за титула

0Shares
0 0

Откако во 2018 година беше прогласен за МВП на сезоната во НБА, кариерата на Џејмс Харден тргна во надолна линија.

Тој индивидуален трофеј и натаму е негово најголемо достигнување иако многумина сметаа и очекуваа да се закити со шампионската титула бидејќи играше со некои од најдобрите играчи на денешнината. Особено такво нешто се претпоставуваше последните две сезони кога го засили Бруклин Нетс и со Кевин Дурант и Кајри Ирвинг формираше фантастично трио, едно од најдобрите во НБА.

Но, дека Харден, сепак, не е материјал за титула знаеше и Коби Брајант кој додека беше жив правилно го процени сегашниот играч на Филаделфија. На неколку месеци пред загинувањето, тој оцени дека Харден не може да освои титула со својот стил на игра.

„Не сум фан, односно мислам дека со таков стил нема никогаш да стане шампион. Морате да му помогнете на тимот да победува и можеби тоа го прави некогаш, но сметам дека со ваков начин не се освојуваат титули. Ако еден играч е доминантен со топката, тогаш е пред одбраната и тоа лесно се брани, особено во плејофот“, рече тогаш Коби Брајант.

Пред два дена пропадна уште еден обид на Харден да се вмеша во борбата за титулата во НБА бидејќи со Филаделфија испадна од Мајами во полуфиналето на Источната конференција. Негов единствен настап во големото финале е оној во 2012 година кога како член на Оклахома, исто така против Мајами, загуби со 1-4.

0Shares
0 0