Црногорецот со шпански пасош Никола Миротиќ го заврши својот четиригодишен престој во Барселона со титула од АЦБ лигата.
Синоќа Барса го освои шампионскиот трофеј откако во финалето го совлада Реал со 3-0, но и Миротиќ, а и функционерите на клубот потврдија дека е дојдено времето за разделба.
„Ништо не се сменило, ова беше мој последен натпревар за Барселона и сите во клубот го знаат тоа. Менаџментот донесе таква одлука и нема враќање. Уживав во секој ден овде, а титула во финале против Реал и победа со 3-0 е нешто фантастично, сепак станува збор за актуелен европски шампион“, изјави Миротиќ.
Првиот човек на Барселона, Жоан Лапорта рече дека разделбата со поранешниот шпански репрезентативец е неминовна.
„Тој е фантастичен кошаркар, ни донесе големи успеси, но ситуацијата е таква што мора да го пуштиме. Тоа е дел од физибилити планот кој го претставивме на ла Лига и кој предвидува редукција во сите спортски секции“, рече Лапорта, а спортскиот директор Хуан Карлос Наваро додаде дека Миротиќ одамна бил известен дека ќе мора да си замине на крајот од сезоната.
Искусниот крилен играч си оди како МВП на финалната серија и со две шампионски титули. Сепак, во четиригодишниот престој во Барселона, тој не ја оствари главната цел – триумф во Евролигата. Барса ќе има голем проблем да го одбрани трофејот идната сезона бидејќи буџетот ќе биде драстично намален и неколку од ѕвездите ќе си заминат.
Претходните недели се зборуваше дека Миротиќ ќе се пресели во Олимпија Милано, но за него има понуда и од Монако, а од вчера се шпекулира и за Црвена Звезда.