Дебитантот во елитната конкуренција во македонската кошарка Охрид ги донесе првите две засилувања за претстојната сезона.
Нови играчи на охридскиот прволигаш се американските интернационалци Брајант Бернард и Џеред Кимброу кои се очекува да ја поведат екипата кон опстанок. Кимброу е дебитант во европската кошарка, додека Бернард веќе бил во соседството.
Кимброу последните две сезони ги поминал на Универзитетот Хартфорд каде просечно постигнувал по 8 поени, 5, 2 скока и 1,8 асистенции. Висок е 202 сантиметри и игра на крилната позиција. Бернард лани играл во албанското првенство, во тимот на Беселидја каде на 27 натпревари постигнувал по 18 поени, 4,6 скока и 4,1 асистенција. Тој е плејмејкер, висок 183 сантиметри и има 26 години.
Наскоро се очекува охриѓани да го комплетираат тимот за новата сезона и со неколку домашни кошаркари.