По продолжувањето на договорите со неколку кошаркари од минатата сезона, Чаир го донесе првото засилување за претстојната натпреварувачка кампања.
Нов играч на чаирчани е поранешниот македонски репрезентативец Александар Штерјов кој на залезот од својата кариера се враќа во клуб од главниот град. Негов последен скопски тим беше МЗТ Скопје со кој во 2012 година ја освои двојната круна во македонската кошарка, вклучувајќи ја историската, прва шампионска титула на аеродромци. Оттогаш, 37-годишниот центар, својата кариера главно ја градеше на релација Куманово-Гевгелија, во клубовите од овие два града помина вкупно осум сезони, а играше уште Плејмејкер Кубус, Вардар, Гостивар и Еуро Никел.
Минатата сезона во дресот на Кожув, Штерјов просечно постигнуваше по 10,1 поен и 5,6 скока со индекс 13,1.