Играше на Европското првенство во Охрид, му беше соиграч на Антиќ, сега почнува боксерска кариера

0Shares
0 0

Некогашниот грчки репрезентативец Лазарос Пападопулос го продолжи трендот, поранешни кошаркари да се обидат и во боксот или слични боречки вештини.

Почна Дарко Миличиќ, неодамна Дерон Вилијамс објави дека првата борба ќе ја има на 18 декември, а и некогашниот плејмејкер во НБА, Нејт Робинсон имаше неколку борби. По тој пат сега ќе тргне и Гркот кој кошаркарската кариера ја заврши во 2015 година, а во петтата деценија од животот ќе почне боксерска.

Неговата прва борба ќе биде одржана на 19 декември во Атина, но се уште не се знае кој ќе му биде прв противник.

Пападопулос беше еден од најдобрите центри во поновата историја на грчката кошарка. Во 2005 година беше европски шампион со националниот тим, а следната година го освои светското сребро на Мундијалот во Јапонија. Освен тоа, освои две титули во Евролигата, една со Панатинаикос во 2002 година и една со Олимпијакос една деценија подоцна кога соиграч му беше Перо Антиќ.

На македонската кошаркарска јавност ѝ се претстави на Европскоо младинско (М20) првенство во Охрид во 2000 година кога настапи за грчката репрезентација. Грците тогаш завршија како седмопласирани, а во таа генерација, меѓу другите, играа уште Андонис Фоцис, Димитрис Дијамантидис, Андреас Глинијадакис итн. Пападопулос беше и најдобар стрелец на грчката селекција на тој шамоионат со просек од 15,6 поени по натпревар.

0Shares
0 0