На една недела пред почетокот на новата сезона во АБА лигата, словенечкиот клуб Олимпија го донесе и последното засилување.
Спортскиот директор Владо Илиевски за крај го договори поранешниот играч на Мајами Хит, Ди Џеј Стјуарт кој игра на бековската позиција. Иако во 2021 година бил на подготовките на Мајами, не добил перманентен договор и бил отпуштен пред почетокот на сезоната и играл во филијалата Сијукс Фолс.
Стјуарт е ангажиран по дебаклот на Олимпија во Суперкупот каде беше елиминирана уште во четвртфиналето од Игокеа и покрај тоа што во текот на летото донесе десетина нови играчи, како и тренерот Симоне Пјаниџани.
Освен во АБА лигата, Олимпија во новата сезона ќе игра и во Еврокупот каде ривали во групната фаза ќе ѝ бидат: Хапоел Тел Авив, Хувентут, Париз Баскет, Вулфс, Венеција, Бешикташ, Хамбург, Прометеј и Лондон Лајонс.