Трет ден, отказот на Никола Јокиќ за настап на Светското првенство е една од главните вести во европската кошарка и не постои спортски медиум на планетата кој не го одбележа тој момент.
Некои од нив, како хрватскиот портал Индекс преку својот новинар Тони Хорват застанаа во одбрана на суперѕвездата на Денвер Нагетс кој последните месеци беше можеби најпопуларен кошаркар во светот. Интересно е тоа што Јокиќ во својата татковина, последните денови е остро критикуван и од медиумите и од јавноста, а Хорват, сепак, со цврсти аргументи го поддржа најдобриот српски кошаркар.
„Јасно е дека тој потег на Јокиќ, многумина го доживуваат како предавство на татковината, повредени се како кога ќе ги одбие девојка и на тоа реагираат со инфантилни испади. Но, кој и да очекуваше ова лето да го види Јокиќ во дресот на Србија, тој веројатно го поминува животот во сериозни заблуди. Верувањето дека Јокиќ, крајот на август и почетокот на септември ќе го помине на Далечниот исток се еднакви на верувањето дека Земјата е рамна плоча.
Од последните 22 календарски месеци, Јокиќ имал слободен само 1,5 кој сега го поминува. Луѓе, бидете сериозни. Не можам со 100-процентна сигурност да тврдат дека Нагетс не му забраниле да игра, но не верувам во тоа бидејќи премногу го почитуваат. Но, ако му забраниле, кој може да ги обвини? Пред Јокиќ е првата сезона од петгодишниот договор со кој му се загарантирани 276 милиони долари. Замислете во неа, првиот човек во кого толку вложија да се повреди поради преоптовареност во овој двегодишен период.
Мислам дена Никола одамна ја донел оваа одлука, само го чекаше буквално последниот момент за да ја потврди бидејќи сакаше максимално да го одложи бесот на разочараната нација, да се сочува од непријатни повици на хиподром и да ужива во одморот што е можно подолго.
Во Србија не смее да биде проблем отказот на Јокиќ или Мициќ, но фактот дека репрезентацијата летово ја ‘откачија’ цела низа кошаркари многу повеќе загрижува. Српските медиуми јавуваат дека Светското првенство го избегнаа Калиниќ, Покушевски, Бјелица, Јовиќ, Јарамаз… Не навлегувајќи во личните причини за секој од тие откази, ако барем еден или двајца го условиле своето играње со доаѓањето на Јокиќ, тоа би бил сериозен проблем кој го уништува култот на репрезентацијата.
Од 2016 година, кога стана доволно добар за да игра за Србија, Јокиќ пропушти само едно големо натпреварување – Еуробаскетот во 2017, ова СП ќе му биде второ. Еден отказ не е тренд, особено ако е разбирлив како овогодишниот, додека не почне да доведува до ситуација кога репрезентацијата ќе ја заобиколуваат и ‘помалите’ играчи“, пишува, меѓу другото, во коментарот.
Србија вчера ги почна подготовките за Светското првенство, дел од репрезентативците беа лути на медиумите затоа што поради Мициќ, Јокиќ и останатите, не се вреднува нивниот труд и одлуката да играат на Мундобаскетот. Притисокот врз нив ќе биде голем, но не како врз Јокиќ, особено ако селекцијата на нашиот северен сосед не оствари пласман каков што очекуваат (оправдано или неоправдано) љубителите на кошарката во Србија.