Не е далеку времето кога Андреј Митревски не само што ќе биде стандарден репрезентативец, туку и еден од носителите на играта во националниот тим кој долго време се обидува да се врати на старите патеки.
Во моментов, тој е лидер на една од најталентираните генерации во поновата македонска кошаркарска историја и која неодамна го освои сребрениот медал на Европското првенство Б-дивизија во Скопје, а со тоа обезбеди пласман во елитната конкуренција. Можеби епилогот ќе беше поинаков за нас ако токму Митревски не се повредеше и ги одиграше финалните два меча, но барем стана јасно дека имаме што да очекуваме во блиска иднина.

Додека е на рехабилитација по повредата, 20-годишниот бек со мислите веќе е во новата сезона во која повторно ќе го предводи Феникс, сега на историското деби на меѓународна сцена.
Каква е состојбата во моментов и што точно се случи при повредата за време на првенството?

“Станува збор за скршеница на коска на ногата што ја доживеав на четвртфиналниот од Европското првенство против Велика Британија. Состојбата значително се подобрува со помош на физикалните терапии што ги правам во Аџибадем Систина и очекувам подготвен да ја дочекам новата сезона.“
Можеби повредата не оневозможи рамноправно да се бориме со Чесите во финалето, но сепак М20 репрезентацијата ќе игра во А-дивизијата. Интересно е тоа што Андреј Митревски учествуваше во сите успеси на младинските селекции во последните пет години, почнувајќи од пласманот во А-дивизијата на кадетската репрезентација во 2018.

„Овој успех претставува голем напредок за македонската младинска кошарка, свесни бевме дека може да се оствари и дека се очекуваше од оваа генерација да влезе во А-дивизијата. Различни се првенствата до 16 и до 20 години, но интересен факт е тоа што на двете првенства, првиот натпревар го загубивме од тим кој подоцна го освои златниот медал. Во Сараево тоа беше Русија, а во Скопје – Чешка што е показател дека дека и покрај тешката група, може да се постигне ваков успех. Ништо помал успех не беше и опстанок во А-дивизијата што го оствари мојата генерација во Удине во 2019 година на Б-Европското кадетско првенство.“
Дали е ова, и покрај повредата, круна на репрезентативната кариера во младинските категории?

„Секако дека ова е најдобар начин да се заврши младинската репрезентативна кариера, но во исто време, жалам што не успеав да го доиграм првенството и што не го освоивме златниот медал. Најважно, сепак, е тоа што ја остваривме зацртаната цел.“
Да се свртиме кон Феникс. Веќе две сезони тој е стабилен прволигаш со високи амбиции. Како би го оцениле овој период?
„Одигравме две успешни прволигашки сезони со едно полуфинале и финале во Купот на Македонија. Клубот расте од сезона во сезона, а со тоа растат и неговите амбиции, како и на тренерот Денис Дервишевиќ. Ова досега беше само вовед на тоа што не очекува во иднина.“

Во новата сезона, Феникс ќе учествува и во ФИБА Европа купот. Какви се очекувањата од она што претстои претстојната натпреварувачка кампања?
„Учеството во ФИБА Европа купот е од големо значење, како за клубот, така и лично за мене и сметам дека на вакви натпревари се согледува до каде сме и до каде е нашата кошарка. Очекувам и оваа, десетта година во дресот на Феникс да биде иста како сите претходни, а тоа значи дека на секој натпревар влегуваме со цел да извојуваме победа.

Ние во Феникс немаме друг начин на размислување, знаеме колку напорно работиме и секогаш веруваме во себе. Ако нема повреди, ќе има успеси, ако имаме повредени играчи, шанса ќе добијат помладите и побрзо ќе созреат. Тоа е таа win-win филозофија на Феникс.“
Со неполни 20 години, Митревски веќе две сезони е капитен на тимот на Феникс. Познато е дека постои интерес од странски клубови, дали е дојдено времето за нов чекор во кариерата?

„Даниел Молдован е врвен светски менаџер и можев уште пред две години да заиграм во некои АБА 2-лигаши од Црна Гора и Хрватска. Лани постоеше можност да го облечам дресот на еден реномиран шпански прволигаш, но останав во Феникс бидејќи имаме врвни услови за тренинг и натпревари, а македонската лига е одлична за развој на млади талентирани кошаркари.
Секое прерано прескокнување на скалило во кариерата може, место чекор напред да биде и чекор назад. За мене е важно, место да ја греам клупата на некој реномиран домашен или странски клуб, секоја година играчки да напредувам, да бидам еден од носителите на играта во тимот, да ги развивам лидерските способности и подготвен да ја препознаам вистинската понуда во вистинско време.“