ИНТЕРВЈУ СО ДУШАН АЛИМПИЈЕВИЌ: Жалам што навивачите на Звезда не беа подготвени за тоа што го работевме

0Shares
0 0

На средина од четвртата деценија од животот, Душан Алимпијевиќ е веќе познато име во тренерската фела не само во Србија, туку и во Европа, со завидно искуство во елитните меѓународни натпреварувања.

Во својата веќе долга кариера, меѓу другото, ја водеше Црвена Звезда, претходно ФМП, а од 2018 година е тренерски интернационалец бидејќи по рускиот Саратов (каде сега шеф на стручниот штаб е Емил Рајковиќ), се пресели во Бурсаспор, во една од најсилните лиги во Европа.

Пред десетина дена, Алиимпијевиќ наврши една година откако го води турскиот прволигаш. Во интервјуто за КОШ.МК зборува за искуството во Турција, но и за она што досега се случуваше во неговата тренерска кариера.

Имате 35 години, тоа е возраст кога некои кошаркари уште се активни, а вие веќе имате тренерски стаж од над една деценија. Како се случи толку млад да тргнете по овој занает?

„Како млад, ја имав таа несреќа да доживеам два пати кинење на предните лигаменти на иста нога во период од една година и тоа беше доволна причина да ја прекинам својата играчка кариера која и не се разви во професионална. Во таа несреќа, имав среќа, тренерите што ме гледаа во младинските категории, да ме повикаат мошне млад, околу мојата 18. година, да бидам нивен асистент за подоцна да добијам и свои категории.

Сето тоа се случуваше во Белград, откако си заминав од родниот Лазаревац и играв во Беопетрол и Чукарички, па и првата тренерска епизода ја имав во Чукарички. Поради тоа што неколку кошаркари од една од моите категории што ги водев беа многу талентирани, добив повик да се преселам во КК Нови Сад каде тие играа во јуниорската екипа, а јас како асистент. Во тоа време, со 22 години, бев најмлад помошник во Кошаркарската лига на Србија, па со 27 години бев најмлад прв тренер па потоа и најмлад тренер во Евролигата и од тој момент ме следи сето тоа, да бидам најмлад во се што правам.“

Србија е позната по големиот број кошаркарски стручњаци. Имавте ли идол кога почнувавте?

„Србија и целиот Балкан извадија огромен број извонредни тренери кои остварија фантастични резултати и чиј печат јасно се гледа во секој клуб. Системот од балканските простори е познат низ цел свет: авторитет, знаење, дисциплинира, работа, посветеност… сето тоа ги симболизира тренерите не само од Србија, туку и од цел Балкан.

Христијански е да се каже дека идол не треба да правиме од другите, освен од Бога. Имав примери, ги имам и натаму, а среќа е што врвните тренери од Србија се достапни за секакви разговори, совети, посети на нивните тренинзи итн. Тоа се однесува на Жељко Обрадовиќ како наш најтрофеен стручњак, Светислав Пешиќ како актуелен селектор на Србија и уште многу други српски врвни тренери.

Што се однесува до странците, морам да ги спомнам Шарунас Јасикевичиус, Димитрис Итудис… Тоа се тренери кои ги следат модерните текови во кошарката и кои работат одлично во секој клуб.“

Од оваа перспектива, како гледате на вашиот ангажман во Црвена Звезда?

„На ангажманот во Црвена Звезда повеќе не гледам, тоа е за мене завршена приказна. И од оваа и од таа перспектива, јас постојано кажував дека работевме специфична работа за која навивачите на Звезда тогаш не беа подготвени. Направен беше тим кој имаше најмал буџет во историјата на Евролигата со „домашни“ играчи (кога велам „домашни“, мислам од исто говорно подрачје) со неколку странци, но она што е најзначајно, со играчи кои првпат настапуваат во елитно натпреварување, вклучувајќи ме и мене како тренер.

Направивме една неопходна реконструкција на тимот која дури и Евролига ја бараше од Звезда, заради финансиска стабилност. Испратен беше ревизор кој бараше да се решат некои наталожени долгови и клубот мораше да го реализира тоа во период од една година. Звезда беше поставена на стабилни нозе и тоа беше еден од главните фактори за клубот да изгледа таков како што е сега.

Направивме неколку историски резултати, како 11 победи во Евролигата со неколку големи триумфи, го завршивме основниот дел од АБА лигата на првото место, но со несреќен сплет на околности загубивме во финалето (од Будуќност н.з.). Сепак, она што се бараше и очекуваше од нас, не само што го остваривме, туку и го надминавме.

Единствената работа што ја замерувам и себеси и на раководството е што сето тоа не им беше доволно објаснето на навивачите и на целокупната кошаркарска јавност во земјата, односно која беше мисијата на клубот таа сезона.“

Веќе втора сезона работите во Турција. Како сте прифатен во Бурса и какви се впечатоците од кошарката во оваа земја имајќи предвид дека ова ви е прв ангажман таму?

„Точно е дека ја работам втората сезона, но јас практично не сум го водел тимот цела сезона бидејќи дојдов лани кога останаа четири натпревари во Еврокупот. Од тој момент победивме на три меча и на три во домашното првенство, но имавме и тежок распоред, со дуели против дел од најсилните екипи во Турција.

Од оваа прспектива, она што може да се каже за лигата е дека сигурно е втора по квалитет во Европа. Бурса како град е фантастичен, има околу четири милиони жители и е град кој дава се. Бурсаспор има огромна база навивачи во оние кои го следат фудбалскиот тим, тоа е градски клуб со голема поддршка и навистина е прекрасно да се работи во него. Инфраструктурата е фантастична, имаме на располагање сала за тренинзи која ни е достапна 24 часа, арената за играње ја делиме со Тофаш, а сите придружни услови се обезбедени.

Луѓето од клубот се исклучително отворени за сите идеи и најмногу ме фасцинира тоа што имаат визија, што значи дека не се живее од денес за утре и нивниот морал не паѓа со еден лош натпревар. Се оди со јасна цел за иднината и сите знаат што и како треба.“

Какви се целите на Бурсаспор оваа сезона во која тимот игра на три фронта?

„Ова е втора сезона на Бурсаспор во Еврокупот и немаме право на големи желби и амбиции. Во прв план тука е фудбалот бидејќи клубот Бурсаспор, во чие спортско друштво сме и ние, е еден од ретките кој бил шампион на Турција, надвор од големата тројка од Истанбул: Галатасарај-Фенербахче-Бешикташ. Освен Бурсаспор, шампион бил уште Трабзонспор, неколку помали кои сега играат во понизок ранг и сега Башакшехир. Значи се работи за големо име во турскиот спорт, но кога станува збор за кошарката, ние допрва се пробиваме и оваа сезона ни е трета во турската Суперлига.

Сега се обидуваме да се пласираме во плеј-офот во двете натпреварувања бдиејќи Еврокупот им овозможи на речиси сите клубови да дојдат до разигрувањето затоа што од десетте во секоја група, осум одат во осминафиналето. Ние се надеваме дека ќе бидеме таму, а размислуваме и за турското првенство, но ќе повторам дека вредноста на клубот не се мери само според пласманот на табелата, туку и по неколку други сегменти.

Гледаме на тоа дали некој од играчите или тренерите ќе отидат во Евролигата затоа што тоа е важно за реномето на клубот, колку млади играчи настапуваат за репрезентациите, каква иднина имаме, колку вложуваме во младите категории бидејќи тоа е следна ставка која мора да се подигне во клубот, па колку долгорочни договори имаме со млади турски кошаркари, а на крајот, сето она што го интересира секој навивач на Бурсаспор, како играме, колку победи остваруваме, против какви екипи и, се разбира, дали ќе успееме да освоиме некој трофеј.“

Во вашиот стручен штаб имате и еден Македонец, Мирко Петрески. Како дојде до соработка со него?

„Мирко Петрески и јас сме, пред се, пријатели 15 години. Не спои кошарката, страста кон неа, живееме за кошарката 24 часа и сакаме да зборуваме за неа. Тоа е сплет на околности за кој тешко може да се каже дека е случаен, едноставно судбината сакала, да се споиме.

Се запознавме во Кладово, во зима која беше ненормално студена и тешка. Тој доде со својот клуб и своите млади категории на камп, а јас со моите кошаркари од Чукарички и мислам дека бевме единствени две екипи на тој камп, на зимски подготовки. Ги одработивме мешано, соработувавме еден со друг и од тој момент сме неразделни. Не мора секој ден да сме заедно или да пиеме кафе, но овие 15 години редовно се посетувавме кога имавме можност за тоа и заедно ги испративме сите моменти во нашите животи, како среќни, така, за жал, и несреќни.

Многу пати зборувавме за кошарката, за многу теми најдовме заеднички јазик и за оние кои имаат големи човечки и морални кодекси, се разбира дека има место во оваа работа, а да не зборувам за тоа дека и како пријател заслужува да работиме заедно една сериозна работа. Но, настрана нашето пријателство, ова бара една сериозна нота која е над се, а Мирко го прави сето тоа и затоа дојде до соработката, штом се отвори оваа можност.“

Како е да се работи со Петрски кој пред неколку години беше и селектор на јуниорската репрезентација на Македонија?

„Тоа е човек кој има извонредна работа етика, кој во сала и на тренинзите е како во својот дом. Се чуствува одлично, дава фантастична енергија, заслужен е за еден многу важен сегмент – развој на играчите и има особена емоција и однос со нив бидејќи им посветува многу внимание затоа што и пред и по тренинзите останува да работи со нив. И кога има слободни денови, го викаат за со него да работат на индивидуален план така што тој не е застапен само на тактичкиот дел, на тимските тренинзи, туки и при другите важни сегменти.

Својата работа ја прави одлично, бројот на тренинзи на кои е присутен е фасцинантен. И кога беше поставен за селектор на М20 репрезентацијата на Македонија реков дека е тој вистински човек на вистинската позиција.“

Вашата врска со Македонците не е само Петрески. Кога бевте тренер во Звезда, во тимот беше Перо Антиќ. Како се однесуваше тој во клубот и со вас ако се знае дека е четири години повозрасен?

„Точно е дека сум поврзан со Македонците и не само со Мирко, туку, ете и во таа сезона во Црвена Звезда, а познавам и многу добри и квалитетни луѓе кои сум запознал во Македонија. Меѓу нив и Перо Антиќ кој таа сезона кога јас ја водев Звезда се врати во клубот затоа што ни се поклопија некои амбиции и го искористивме моментот да донесеме играч кој е актуелен европски шампион затоа што неколку месеци претходно ја освои Евролигата со Фенербахче.

Перо Антиќ, како играчка легенда, поранешен НБА играч и човек кој го носи во себе тоа што го носи, на Звезда ѝ донесе многу со своето искуство и ден-денес се памтат некои негови важни партии, важни кошеви, важни тројки… За мене тоа беше убав период на соработка со еден врвен кошаркар.

Тој тогаш беше на залез на кариерата, а ги одработуваше тренинзите исклучително професионално и јас со него немав никаков проблем. Што се однесува до разликата во годините, никогаш не гледав на тоа, без разлика дали се работи за Антиќ или некој друг. Најважно ми беше да се гледа дека има работна етика, дека е посветен на кошарата, а за другите работи секогаш може да се дискутира и зборува. Секогаш наоѓавме заеднички јазик, без разлика дали му треба ден повеќе за одмор или некое претпладне, знам дека не го злоупотребуваше тоа и јас за него можам да кажам се најдобро за тој период во Звезда.“

Иако релативно млад, веќе долго сте на меѓународна сцена, водевте екипи и во Евролигата, го победивте и Реал во сезоната кога стана европски шампион. Каде се гледате за десетина години?

„Секој кој бил учесник во Евролигата, мора да размислува за враќање. Кога и дали ќе се случи тоа, само Бог знае, на нас е да работиме и да ја чекаме шансата. Многу врвни тренери нема да добијат шанса да бидат дел од Евролигата, а верувајте дека има голем број квалитетни стручњаци кои се, на некој начин заглавени во младинските категории затоа што клубовите немаат храброст да им дадат шанса.

Она што е факт е дека тие некои работи што ги покажавме таа сезона со Звезда во Евролигата и сега со Бурсаспор во Еврокупот, ми даваат право да се надевам дека еден ден тоа ќе се повтори. Не се гледам во НБА, тоа е еден затворен круг каде тешко се влегува, а јас многу повеќе би сакал да создавам во Европа ако се отворат можности за тоа. Но, животот е чудо, не може да се пресмета и којзнае што ќе се случи за 10 години. За мене е далечна и идната недела, а не идната деценија.“

Колку знаете за македонската кошарка, како репрезентативната, така и клупската?

„За македонската кошарка знам толку колку што бара мојата работа. Сметам дека секој добар тренер треба да следи се, без разлика дали се работи за Евролига, Еврокуп, ФИБА натпреварувањата, сите национални шампионати бидејќи мора постојано да бидеме во тек и да го имаме предвид тој играчки и тренерски пазар.

Поради Мирко Петрески, заедно ги следиме настапите на македонската репрезентација, знам дека е селектор Драган Бајиќ и јас морам да истакнам дека му се восхитувам на секој тренер кој паралелно работи како селектор поради актуелната состојба со ФИБА и Евролигата. Колку и да изгледа како лесна тренерска работа, ова се ненормални услови за селектор бидејќи сите мораат да работат и тренираат со играчи кои не се најдобри во својата земја.

Ова го зборувам со надеж и желба, ФИБА и Евролигата да најдат заеднички јазик и овој циркус да запре во некој момент.“

0Shares
0 0