Еден од најголемите таленти во македонската кошарка Павел Иванов денеска официјално стана играч на Кожув откако потпиша договор на една сезона со гевгелискиот клуб.
На југот од земјава тој се сели од Вардар каде што ги помина младинските селекции и покажа дека пред него е светла иднина на кошаркарските терени. Во Кожув ќе работи под водство на селекторот на македонската репрезентација Александар Јончевски.

Иванов летово настапи за македонската јуниорска репрезентација на Европското првенство Б-дивизија во Португалија, а претходно беше МВП на М18 државното првенство на кое со Вардар ја освои шампионската титула. Минатата сезона беше стандарден член на „црвено-црните“ кои ја освоија титулата во Втората лига и обезбедија пласман во елитната конкуренција.