Европа ќе добие нов континентален шампион во женска конкуренција откако бранителот на титулата Србија денеска е елиминиран во четвртфиналето.
И не само што е елиминиран, туку и понижен бидејќи Србинките загубија од Белгија со 53-93 што е еден од најтешките порази на оваа селекција во историјата, а веројатно највисок на бранител на трофејот на едно Европско првенство. Моќта на Белгија во квалификациите можеше да ја почувствува и македонската репрезентација која на гостувањето во Леувен загуби со 41-112, а дома со 42-102.
Конечниот резултат на денешниот натпревар можеше да се насети уште во воведниот дел. Белгија отвори со 14-0, Србија својот прв кош го постигна во шестата минута, а на крајот од првата четвртина беше 28-8. Во вториот период Србинките ја стабилизираа својата игра, но во третиот и четвртиот вкупно постигнаа 22 поена и со катастрофален пораз го завршија својот настап на Европското првенство чија завршница се одржува во Љубљана.
Покрај Белгија, пласман во полуфиналето обезбеди и Унгарија која со 62-61 ја победи Чешка, а останатите две селекции кои ќе се борат за медал ќе се знаат по вечерашните дуели меѓу Франција и Црна Гора, односно Шпанија и Германија.