Јане Петровски ѝ кажа збогум на кошарката!

0Shares
0 0

Еден од најдобрите плејмејкери и најинтелигентни кошаркари воопшто во историјата на македонската кошарка Јане Петровски, на 36-годишна возраст одлучи да стави крај на својата играчка кариера.

Ова се случува и покрај желбата на неговиот досегашен клуб Еуро Никел да ја продолжи соработката и за претстојната натпреварувачка кампања. Последните шест сезони Петровски ги помина токму во Кавадарци, беше и остана со екипата и кога ѝ беше најтешко, кога судбината на тогашниот Фени Индустри висеше во воздух и со личен пример покажа како треба да се бранат боите на клубот.

„Натурализираниот кавадарчанец“ со Фени Индустри играше во финалето од Купот во 2017 година, а едиствениот трофеј во домашната кошарка го освои две години порано, како член на Работнички, исто така во Купот. „Дете“ на Водњански лисици во чии младински екипи доминираше во тандем со Предраг Самарџиски, а поширока афирмација стекна како член на МЗТ Скопје во периодот од 2004 до 2008 година. Претходно, кратко играше и за Николферт и Поло Трејд, но во МЗТ стекна и статус на сениорски репрезентативец како најголемо освежување во домашната кошарка кон средината на првата деценија од новиот милениум.

Две години беше и интернационалец, во унгарскиот Шопрон, украинскиот Симферопил и бугарскиот Рилски Спортист, а потоа се врати во Македонија и повторно во редовите на МЗТ Скопје. По една сезона во Аеродром, се пресели во лутиот ривал Работнички и таму остана четири години.

Секогаш и за сите беше пример за професионалец, спортсмен и голем другар, па затоа е голема штета што во иднина не само што нема да биде активен играч, туку ќе работи далеку од кошарката.

Тој е втор поранешен репрезентативец кој се пензионира ова лето. Пред него истото го направи нешто повозрасниот Диме Тасовски, но тој во иднина ќе работи во кошарката, како помошен тренер во Работнички.

0Shares
0 0