Јаничиќ пак најефикасен, Олимпија Милано го освои третото место

0Shares
0 0

Кадетскиот репрезентативец на Македонија, Никола Јаничиќ беше најзаслужен за триумфот на Олимпија Милано во мечот за бронзениот медал на турнирот што се одржува во Трст.

Олимпија ја победи Стела Аѕура со 62-61, а нашиот кошаркар, освен тоа што на теренот помина најдолго време (31 минута) од своите соиграчи, беше најефикасен со 18 поени на кои додаде 6 скока. Просекот на Јаничиќ на овој турнир изнесуваше 14 поени што е фантастичен ефект ако се знае дека настапи без ниеден тренинг со остатокот од тимот на Олимпија и буквално не ги знаеше другите кошаркари. Особено импресивен беше во првото полувреме на денешниот натпревар кога со своите потези неколку пати ја крена публиката на нозе.

Тимот од Милано дојде до победата на исклучително драматичен начин. На 15 секунди пред крајот Стела Аѕура водеше со 61-58, еден од играчите на Олимпија погоди две слободни фрлања, а во следниот напад противнички кошаркар промаши два пати од истата позиција. Во контранапад кој го иницираше Јаничиќ, Ломартире постигна кош на две секунди пред крајот за триумф на Олимпија.

Јаничиќ и Олимпија одиграа четири натпревари на турнирот во Трст, загубија од Реал, а ги победија Баерн, Олимпија Љубљана и Стела Аѕура.

0Shares
0 0