Кадетската репрезентација на Македонија официјално ги почна подготовките за Европското првенство што во август ќе се одржи во Скопје.
Оваа селекција е единствена од македонските што учествува во А-дивизијата и тоа од 2018 година откако во 2017 го освои бронзениот медал на Б-шампионатот во Сараево. И сега, како и тогаш, селектор е Александар Јованчев кој ја одржа прозивката и им ги соопшти плановите на кошаркарите за ова лето. На поширокиот список на селекторот се 23 кошаркари кои низ подготовките ќе се борат за место во финалните 12 што ќе настапат на Европското првенство.

Во стручниот штаб на Јованчев се Милош Нинковиќ и Тино Даневски, а за кондициската подготовка ќе се грижи Мико Голубовиќ.
Европското првенство во Скопје ќе се одржи од 5 до 13 август, а Македонија е во група со Белгија, Франција и Литванија.