Женската јуниорска репрезентација на Македонија го претрпе и вториот пораз на Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Софија.
По Холандија, подобар од нашата селекција беше Исланд кој денеска славеше со 77-59 во меч во кој доминираше безмалку во текот на сите 40 минути. Македонската репрезентација имаше две минимални водства на почетокот од мечот, до пред крајот на првиот квартал се играше израмнето, а потоа Исланд ја демонстрираше својата сила.
На истекот од втората минута во втората четвртина првпат дојде до двоцифрена предност (31-21), нешто подоцна поведе со 39-24, а во третиот период разликата веќе ја надмина границата од 20 поени (61-40). Натамошниот дел од мечот мина без поголеми возбудувања, Исланѓанките мирно ја сочуваа предноста и дојдоа до третата победа на првенството.
Милица Николиќ со 14 поени и 7 скока беше најдобра во македонската репрезентација, а со двоцифрен поентерски ефект заврши уште Марија Николов (12). Утре на првенството е слободен ден, а во вторник, нашите кошаркарки играат против Хрватска.