Женската јуниорска репрезентација на Македонија го доживеа третиот и најубедлив пораз на Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Софија.
Нашите млади кошаркарки загубија со 42 поени разлика (41-83) од Хрватска и остануваат без победа во досегашниот дел од шампионатот, а со тоа и официјално без шанси да се пласираат во нокаут фазата. Хрватките, пак, го обезбедија местото во плејофот и во последното коло, против Исланд, ќе се борат за првото место во групата бидејќи двете селекции се со максимален ефект досега.
Разликата во квалитет можеше да се забележи уште од стартот на мечот. Македонија беше рамноправна во првите четири минути кога и водеше со 7-4, а потоа почна доминацијата на противникот. Со серија од 8-0, хрватските кошаркарки поведоа со 12-7, брзо стигнаа и до двоцифрена предност, а со серијата од 15-0 во вториот квартал отидоа на 42-14. Се понатаму беше рутинско одработување на задачата на далеку поквалитетниот ривал кој според досега покажаното, ќе се бори за трофејот на ова првенство.
Марија Николов повторно беше единствена со двоцифрен број поени во македонската репрезентација (10), но имаше и 11 загубени топки. Освен лошиот шут од игра (23,7%), меѓу причините за поразот се големиот број загубени топки (28) и немоќта под кошевите каде Хрватска имаше дури 20 скока повеќе (62/42). Во последното коло, Македонија ќе се обиде да дојде до првата победа на првенството и тоа против Данска која, исто така, има 0/3 досега.