Женската јуниорска репрезентација на Македонија со пораз го заврши настапот на Европското првенство Б-дивизија што се одржуваше во Софија.
Во последниот натпревар од шампионатот, нашите млади кошаркарки загубија од Австрија со 74-81 и со една победа и пет порази го освоија 16. место во конечниот пласман. На овој меч блесна најмладата во тимот – Ања Начевска која е и најпријатно изненадување за македонската женска кошарка во моментов. Против Австрија, таа постигна 27 поени и пет од вкупно шесте тројки на нашата репрезентација на овој меч. Со оглед на тоа што има само 16 години, Начевска уште еднаш потврди дека е светла иднина и еден од ретките блесоци во овој спорт во Македонија.

Шампионската титула на ова првенство ја освои репрезентацијата на Хрватска која во големото финале го совлада Луксембург со 93-66. Пласман во А-дивизијата обезбеди и Грција која во мечот за третото место беше подобра од БиХ со 68-44.

За МВП на шампионатот, апсолутно заслужено беше прогласена репрезентативката на Луксембург, Фејт Ехи Етуте која оствари неверојатни бројки не само за јуниорски услови, туку за женската кошарка воопшто: 31,5 поени, 23,3 скока и просечен индекс од 43,8. Во идеалната петорка, покрај неа, се најдоа уште нејзината сонародничка Иса Хамалинен, потоа Петра Божан од Хрватска, Панајота Столика од Грција и Јана Гуска од БиХ.