Јуниорската репрезентација ги почна подготовките за Европското првенство

0Shares
0 0

Селекторот на М18 селекцијата на Македонија, Тони Симиќ попладнево ги „построи“ кошаркарите на кои ќе смета во текот на подготовките за Европското првенство кое пред крајот на јули и почетокот на август ќе се одржи во Измир.

Јуниорската репрезентација службено беше промовирана во А-дивизијата по дисквалификацијата на Русија, па со самото тоа и противниците на континенталниот шампионат ќе бидат посилни. Денешната прозивка, покрај селекторот Симиќ, ја отворија и новиот спортски директор на КФСМ, Марјан Србиноски и помошниците Нермин Пепиќ и Анатолиј Романов. Никола Велев во моментов е во САД и тој ќе се приклучи идната недела.

До 22 јуни, репрезентацијата ќе тренира во Скопје, потоа заминува за Маврово каде во план е барем еден подготвителен натпревар, најверојатно со младинската селекција. Главниот дел од подготовките следува потоа бидејќи тогаш следуваат поголем број контролни дуели од кои треба да се искристализира составот што ќе патува за Измир.

Во следните 45 дена, планирани се 8-9 дуели со Бугарија, Грција, Црна Гора и Хрватска, а завршниот дел, пред патувањето, ќе биде одработен во Скопје. На првенството во Измир, Македонија ќе биде во група со Франција, Израел и Велика Британија.

фото: КФСМ

0Shares
0 0