Кадетската репрезентација на Македонија испушти можност за одличен резултат на стартот од силниот меѓународен турнир во Скопје кој е генерална проба за Европското првенство во оваа конкуренција.
Во првиот меч, нашите кадети загубија од Израел со 63-65 иако во последната четвртина водеше со осум разлика (59-51), а на две минути пред крајот имаше +5 (63-58). За жал, во преостанатиот дел од времето, македонската репрезентација не успеа да постигне ниеден поен, па Израел со серија од 7-0 дојде до победата. Да биде трагедијата поголема, при водство од 63-62, нашата селекција имаше напад, Терзиевски шутна тројка на седум секунди пред крајот, не успеа да погоди, а потоа по прифатената топка, Кантерович со истекот на времето постигна тројка од центар и им донесе триумф на Израелците.

Сергеј Петровиќ со 15 поени беше најефикасен во нашиот тим, двоцифрени беа уште Терзиевски (12), Митевски (12) и Дамјан Ивановски (11), а се истакна и Доријан Ивановски со 8 поени, 8 скока и 5 асистенции. Утре, кадетите се среќаваат со Грција, а в недела со Шпанија.
Мора да се истакне дека кадетската селекција е некомплетна на овој турнир бидејќи Никола Јаничиќ е со јуниорската репрезентација на Европското првенство Б-дивизија, а тројца кошаркари, меѓу кои и 211 сантиметри високиот Марио Симиќ се повредени.