Кадетите ја срушија Црна Гора, Македонија почна со победа

0Shares
0 0

Кадетската репрезентација на Македонија со победа го почна Европското првенство што денеска почна во Скопје.

Во првото коло, нашите млади кошаркари ја совладаа Црна Гора со 69-62 во исклучително драматичен меч кој беше решен во последните 30 секунди. Иако избраниците на Андреј Апостолски Лечиќ доминираа во три од четирите четвртини, Црна Гора во финишот се закани дека може да направи пресврт и да дојде до триумф.

По првата четвртина во која двете селекции играа во грч и не беа особено ефикасни, првиот удар, македонската репрезентација го зададе во вториот квартал. По 12-11, нашата селекција направи серија од 11-0, подоцнаа таа серија беше 20-2 и на средина од четвртината, резултатот беше 31-14. Црна Гора успеа да намали нешто до крајот на полувреме, но тоа се уште беше убава предност за Македонија (38-26).

Проблемите дојдоа во третата четвртина кога противникот почна полека да го топи нашето водство. На две минути пред крајот веќе беше 44-46, за по две минути игра во последниот период, Црна Гора да поведе со 56-53. Почна резултатска нишалка, екипите се менуваа во водство, Црна Гора уште еднаш имаше +3, но во последната минута Македонија влезе со предност од 63-62. Клучниот момент се случи на 30 секунди пред крајот. Зетов долго време ја чуваше топката кај себе, времето истекуваше, а струмичанецот се крена и шутираше во пад, погодувајќи притоа тројка од табла за водство од 66-62. Црногорците имаа уште една шанса да ја вратат драматиката кога Трајанов направи лична грешка при шут за тројка, но Радуновиќ не погоди ниеден од трите „пенали“ и славјето можеше да почне.

Зетов беше и најефикасен во македонската селекција до 20 поени, Јаничиќ постигна 14, а Стојковиќ 11. За одбележување е изданието на црногорскиот репрезентативец Давид Мирковиќ кој постигна 30 поени и 19 скока. Втор противник на Македонија на Европското првенство е Грција, а натпреварот се игра утре од 18:45 часот.

0Shares
0 0