Со убедливи победи против своите ривали, екипите на Вардар и Бадел обезбедија пласман во финалето од кадетското првенство во женска конкуренција.
Бадел немаше никакви проблеми во дуелот со Струга и триумфираше со 67-32. Анета Глигорова им даде минутажа на сите кошаркарки, а најефикасна беше Сарафилоска со 13 поени. Кај Струга се истакна Кукунешоска со 12 поени.
Вардар беше уште поубедлив против МЗТ Скопје, совладувајќи го со 92-54. Се беше решено уште во првото полувреме кое им припадна на „црвено-црните“ со 47-28. Николиќ го предводеше Вардар со 19 поени, а Начевска оствари дабл дабл со 10 поени и 11 скока. Белма Дечковиќ беше прво име кај МЗТ Скопје со 17 поени и 13 скока, а се истакна и Максимовска со 13 поени и 19 скока.
Финалето во оваа конкуренција се игра вечерва од 19:30 часот во Кале. Од 17 часот ќе се сретнат Струга и МЗТ Скопје во битка за бронзениот медал.