Кадетската репрезентација на Македонија, шести пат меѓу европската елита

0Shares
0 0

Македонската селекција за кошаркари до 16 години денеска го почнува својот настап на Европското првенство што ќе се одржува во Скопје.

Шампионатот што беше закажан за 2020 година, а потоа два пати одложен поради пандемијата со корона вирусот, конечно ќе ги собере во македонската престолнина најдобрите кадети од Европа. Натпреварите ќе се играат од денеска до 20 август во СРЦ „Кале“ и СЦ „Борис Трајковски“ и на него ќе учествуваат најквалитетните репрезентации на континентот.

Македонија е во групата Д, со Црна Гора, Грција и Шпанија, а поради системот на натпреварување што ФИБА го одреди пред неколку години, нема испаѓање во групната фаза, туку сите четири селекции продолжуваат понатаму, во осминафиналето. Во него, вкрстуваат со репрезентацијата од групата Ц: Летонија, Италија, Турција и Полска. Од А-дивизијата испаѓаат последнопласираните три репрезентации на првенството.

За македонската селекција ова е шести настап на европските првенства во А-дивизија. Најголемиот успех, не само во оваа конкуренција, туку воопшто на младинските шампионати, е остварен во 1995 година, со четвртото место во Португалија, во генерацијата што ја предводеа Тодор Гечевски, Емил Рајковиќ, Гоце Герасимовски итн. Тогаш системот на натпреварување беше поинаков, немаше А и Б-дивизија, туку се играа квалификации за пласман на првенството. Подоцна, Македонија освои едно шесто и едно седмо место, а во елитата се врати благодарение на бронзата во 2018 година на Европското Б-првенство во Сарајево, во селекцијата предводена од Александар Јованчев. Пред три години, со Денис Дервишевиќ, обезбедивме опстанок, освојувајќи го 12. место.

Прв противник на Македонија, на претстојното првенство ќе биде Црна Гора, а натпреварот се игра денеска од 18:45 часот. Сите свои дуели, нашата селекција ги игра во СРЦ „Кале“.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ НА МАКЕДОНИЈА
12.08.2022 Македонија – Црна Гора 18:45
13.08.2022 Македонија – Грција 18:45
14.08.2022 Македонија – Шпанија 18:45

0Shares
0 0