Иако дојде во Задар кон средината на март, Адем Мекиќ е еден од хероите на навивачите на овој клуб оваа сезона.
Можеби не е во рангот на ѕвездите на екипата Лука Божиќ, Карло Жганец и Дарио Дрежњак, но Мекиќ за многу кратко време успеа да ги освои симпатиите на сите фанови во најкошаркарскиот град во Хрватска. Неоправдано примен со висока доза на скепса иако со години стандарден македонски репрезентативец, само затоа што сезоната ја почна во последнопласираниот во АБА лигата, МЗТ Скопје, 27-годишниот кошаркар покажа дека не треба да се има предрасуди кон никого, а докажа дека Македонците и Задар имаат некоја нераскинлива врска која почна со Тодор Гечевски пред речиси две децении.

Хрватските медиуми овие два дена се преплавени со приказни за Мекиќ за кого имаат само комплименти. Тие не се однесуваат само на неговата игра, туку на комплетното однесување како кошаркар, спортист и пред се – човек. Ги потенцираат емоциите кои нашиот репрезентативец не ги криеше во ниеден момент од пристигнувањето во Задар до завчерашното освојување на шампионската титула, прва за него како интернационалец. Дополнително ги „купи“ сите навивачи со тоа што на церемонијата на доделување медали излезе со дрес на нивниот поранешен миленик, а негов славен сонародник и пример – спомнатиот Тодор Гечевски.

„Емоциите се над сите граници, до небо. Знаев каде доаѓам и што не чека ако ја освоиме шампионската титула, а верував во екипата и во тренерот. Им благодарам на сите во КК Задар, пред се на играчите и тренерите кои ме дочекаа како да сум тука со години.

Овде уживав 2,5 месеци, ама баш ужиивав. Титулата многу ми значи бидејќи тргнав по стапките на Гечеввски, не можам да опишам колку сум среќен поради овој трофеј. Би сакал секој спортист да го доживее она што го доживеав јас овие денови. Нема пари на светот кои можат ова да го заменат. Да се победи Сплит со 3-0 само покажува колку бевме ‘гладни’ и тоа многу ми се допадна“, вели Мекиќ по освоената титула.
Со завршувањето на сезоната, истече договорот кој македонскиот репрезентативец со Задар и тој во моментов е слободен играч. Во градот брзо стана еден од омилените ликови и затоа е за очекување клубот да се обиде да го задржи во своите редови и идната сезона. Сепак, средба или преговори меѓу двете страни треба да се очекуваат во следниот период бидејќи поради обврските во плејофот, такво нешто досега немаше. Што и да се случи во иднина, јасно е дека во иднина Адем Мекиќ во Задар ќе се спомнува само во позитивен контекст и со суперлативи.