Дека се работи за тотално неконвенционален кошаркар и спортист воопшто, Никола Јокиќ покажа и по освојувањето на својата прва шампионска титула во НБА лигата.
Најголемиот дел од неговите колеги во ваков случај би славеле со денови, не би се тргнале од телевизиските екрани и би го користеле секој момент за медиумска промоција. Јокиќ, едвај чека да се врати дома и да продолжи со својата најголема страст – коњите. Тоа го кажа и на прес-конференцијата по освоената титула на која најави дека можеби нема да учествува ни на шампионската парада во Денвер.
„Кога е парадата? В четврток? Морам да одам дома, в недела имам трки (коњски н.з.), не знам како ќе стигнам. Во ред, тоа е последица на успехот во нашата работа. Чувството е неверојатно, но кошарката не е најважна работа во животот, има уште многу нешта кои сакам да ги правам“, рече Јокиќ и ги насмеа присутните на прес-конференцијата.
Србинот никогаш не криел дека најголема страст му се коњите и го користи секој слободен момент да им се посвети на нив. Оваа сезона малку му се оддолжи, во САД е од септември и девет месеци други се грижат за неговите миленици. Којзнае што ќе правеше ако финалната серија се оддолжеше на седум натпревари бидејќи „мајсторката“ беше планирана за недела вечер.