Аргентинскиот репрезентативец Факундо Кампацо нема да игра за Црвена Звезда претстојната сезона и покрај тоа што имаше договор до јуни 2024 година.
Белградскиот клуб денеска официјално објави дека соработката е прекината, а се очекува Кампацо наскоро, можеби уште вечерва, да биде претставен како нов играч на Реал Мадрид.
„Првотимецот на Црвена Звезда и репрезентативец на Аргентина, Факундо Кампацо повеќе не е играч на нашиот клуб. Ти благодариме Факундо и ти посакуваме среќа. Секогаш ќе бидеш дел од ‘црвено-белото’ семејство“, се вели во соопштението од Звезда.
Кампацо дојде во овој клуб во декември минатата 2022 година, но повеќе од два месеца немаше право настап во Евролигата и играше само во АБА. Сепак, со Звезда ја освои двојната круна во српската кошарка, а стигна и до финалето во регионалното натпреварување каде неговиот тим загуби од Партизан. Раскинот на соработката меѓу Кампацо и Звезда можеше да се предвиди уште завчера кога „црвено-белите“ потпишаа договор со Милош Теодосиќ.