По трите победи во низа, против Нов Зеланд, Германија и Шпанија, репрезентацијата на Канада доживеа пораз во последниот подготвителен натпревар пред почетокот на Светското првенство.
Заедно со САД и Франција, оваа селекција фигурира во топ-3 кандидати за титулата на претстојниот Мундобаскет, но сега загуби од Доминиканска Република која се подготвува да биде едно од изненадувањата на планетарниот шампионат. Со Карл Ентони Таунс во составот, Доминиканците славеа со 94-88 на турнирот што се одржува во Шпанија, а на кој учествува и актуелниот европски и светски шампион.
За Таунс тоа беше прв натпревар за репрезентацијата по точно една деценија, односно откако во 2013, како 17-годишник дебитираше за националниот тим. Тој го заврши натпреварот со 18 поени и 6 скока, а подобар од него беше само Фигуероа со 20 поени. Доминиканска Република има уште еден тест пред почетокот на Светското првенство, вечерва против Шпанија.
Во канадската репрезентација, прв стрелец беше Лу Дорт со 13 поени, Бел Хејнс постигна еден помалку, а Брукс и Берет по 10. Мора да се истакне дека речиси цело второ полувреме, Канаѓаните го играа со „втора“ постава, но и покрај тоа поразот од Доминиканска Република е изненадување.