Светското првенство што се одржуваше во Филипини, Јапонија и Индонезија заврши во неделата со триумф на германската репрезентација која стана седми освојувач на златото на планетарните шампионати.
Ако се направи споредба во однос на претходниот Мундијал, во 2019 година, германската селекција направи неверојатен скок од дури 17 позиции бидејќи во Кина го освои 18. место. Најголемиот напредок го има Канада која пред четири години беше на 21. место, а сега го освои бронзениот медал што е најголем успех во историјата на оваа репрезентација. Трета е Црна Гора која скокна 14. позиции и со 11. место, исто така го оствари најголемиот успех на мундијалите.

На спротивната страна, најголемо назадување има Венецуела која годинава го освои 30. место што е пад за дури 16 позиции. Зад неа е најголемото разочарување – Франција, репрезентација проектирана да се бори за титулата, а го освои 18. место, за разлика од пред четири години кога беше бронзена. За нивна среќа, Французите имаат директен пласман на Олимписките игри, како домаќини, со тоа и шанса да го обелат образот пред своите навивачи. Разочара и Шпанија која во Кина беше светски шампион, а годинава заврши на деветтото место што е нејзин најлош пласман во последните 29 години.
Интересно е тоа што на последниот Мундијал не настапија Аргентина, Чешка и Полска, репрезентација кои во Кина беа во топ-8, односно ги освоија второто, шестото и осмото место.