Катарскиот шеик Сауд Али Ал Тани од денеска е нов претседател на ФИБА откако беше избран на оваа позиција на 22. Конгрес што се одржува во Манила.
Новиот прв човек на врвната светска кошаркарска организација и неговиот Централен Борд, кој исто така е избран денеска, ќе има мандат до 2027 година. Ал Тани претходните четири години беше потпретседател на ФИБА, а на позицијата доаѓа на местото на досегашниот претседател Хамане Нианг. Во својата кариера, Ал Тани беше претседател на ФИБА Азија, претседател на Кошаркарската федерација на Катар и потпретседател на Олимпискиот комитет на Катар. Интересно е тоа што токму Катар ќе биде домаќин на Светското првенство во 2027 година.
„Голема чест, но и обврска е претседателската позиција. Ќе ги претставувам интересите на 212 национални федерации. Кошарката е глобален спорт, а јас можам да ветам само една работа: дека ќе работам напорно и одговорно“, изјави Ал Тани по изборот.
Неговиот избор за претседател се случува на само два дена пред почетокот на Светското првенство чие отворање е токму во главниот град на Филипини.