Информацијата дека згаснува Кошаркарскиот клуб Еуро Никел, а со тоа и кошарката во Кавадарци ги крена на нозе локалните љубители на овој спорт.
Колективот со полувековна традиција, според последните најави до кои дојде КОШ.МК, сепак ќе биде спасен и ќе продолжи да се натпреварува во Првата македонска кошаркарска лига иако пред два дена беше објавено дека, поради прекин на спонзорирањето од страна на компанијата Еуро Никел, клубот се повлекува од настапот во сите натпреварувања во организација на Кошаркарската федерација на Македонија. Ако не дојде до промена на ставот на водството на фабриката, планирано е клубот да го преземат спортски легенди од Кавадарци, а финансиски да го помогнат локални функционери и бизнисмени кои не сакаат да дозволат овој град да остане без кошаркарски клуб во елитната конкуренција.
Она што е најинтересно е што, логично, во таков случај, клубот повеќе нема да се вика Еуро Никел, туку ќе го врати старото, изворно име – Тиквеш. Под тоа име е и формиран овој колектив во 1970 година, така се викаше до 1997 и потоа од 1999 до 2002 година. Во 2005 година го смени во Фени Индустри, а последните четири сезони и во Еуро Никел. Меѓу другото, станува збор за трет најтрофеен клуб во Македонија, по Работнички и МЗТ Скопје, со три шампионски титули, два Купа и еден пехар во БИБЛ лигата. Настрана од сето тоа, Тиквеш долго време беше расадник на таленти и матичен клуб на македонските кошаркарски легенди: Врбица Стефанов, Тодор Гечевски, Горан Самарџиев, Ристе Стефанов и уште многу други.
Повеќе детали на оваа тема ќе има во текот на утрешниот ден за кога се закажани неколку средби и состаноци на иницијативниот одбор за спас на клубот со влијателни лица во градот и со челниците на Федерацијата.