Ќе биде ли Петрески прв Македонец со пехарот од Еврокупот?

0Shares
0 0

Вечерва од 20:30 часот во Болоња се игра финалето од Еврокупот во кој домаќинот Виртус ќе го пречека најголемото изненадување оваа сезона во европската кошарка Бурсаспор.

Освен за пехарот, се игра и за директно место во Евролигата, но само победникот, односно шампионот ќе ја има таа привилегија. Поради пласманот на Монако во плејофот, оваа сезона само една екипа од Еврокупот влегува директно во Евролигата, а за останатите прашања, меѓу кои и статусот на ЦСКА и останатите руски клубови, ќе се зборува во текот на летото.

Виртус и Бурсаспор се сретнаа и во групната фаза од Еврокупот оваа сезона и на двата меча славеше италијанскиот шампион. На домашен терен потешко бидејќи разликата изнесуваше само четири поени. Но, тоа беше во март кога турскиот клуб уште ја бараше својата форма. Од април, Бурсаспор игра фантастично, победи на последните шест и осум од последните девет меча во сите натпреварувања, а особена тежина имаат триумфите против Партизан, Олимпија и Андора во нокаут фазата од Еврокупот.

Бурсаспор е фаворит на сите македонски љубители на кошарката поради тоа што вечерашниот натпревар може да биде историски за нашата земја. Во стручниот штаб на овој тим е нашиот стручњак Мирко Петрески кој има можност да стане првиот Македонец со пехар од Еврокупот. Најблиску до него беше натурализираниот Македонец, Џордан Теодор кој лани со Уникс стигна до финалето и загуби од Монако, а Предраг Самарџиски како член на ФМП во 2007 година играше во полуфиналето и доживеа елиминација од Лиетувос Ритас.

Виртус ги има сите елементи на своја страна, меѓу другото ќе игра пред полни трибини во својата арена, но иста беше ситуацијата и со Партизан, Олимпија и Андора.

0Shares
0 0