Најдобриот играч од последниот евролигашки Ф4, Еди Таварес има понуда да се врати во НБА лигата каде остана недокажан при својот прв настап.
Од 2015 до 2017 година, тој одигра вкупно 13 натпревари од кои 12 за Атланта и еден за Кливленд, но просечно постигнуваше по 2,5 поени и 2,5 скока. Сега, како што тврдат бројни американски медиуми, репрезентативецот на Зеленортските Острови има понуда од Портланд Трејл Блејзерс кој сака да го види во своите редови.
Се претпоставува дека токму таа понуда е причина за застојот во преговорите за нов договор меѓу Таварес и Реал имајќи предвид дека центарот на европскиот шампион е под обврски со овој клуб до идното лето по што би станал слободен играч.
Сепак, проблем прави откупната клаузула во договорот меѓу Реал и Таварес за која се шпекулира дека е повисока од шест милиони долари колку што изнесуваше за Факундо Кампацо кога Аргентинецот се пресели во Денвер Нагетс. Половина од таа сума ќе треба да ја плати Таварес, па во таков случај, прашање е дали ќе му се исплати да замине во НБА.