Алба денеска доживеа катастрофален пораз (75-108) на домашен терен од Мителдојчер, па на врвот на табелата од германското првенство останаа актуелниот шампион на оваа земја Улм и Кемниц во чиј стручен штаб е Македонецот, Ѓорѓи Кочов.
Кемниц се наоѓа во фантастична серија од 13 победи во сите натпреварувања во кои учествува од кои осум по ред во Бундеслигата со што е најпријатно изненадување во германското првенство. Единствениот пораз овој тим го претрпе токму од Улм и тоа во првото коло од новата сезона, на 27 септември.
Серијата на Кемниц може да продолжи и претстојната недела бидејќи во рамките на ФИБА Европа купот ќе го пречека Ден Бош кој е последен во групата, а потоа на гости му доаѓа и Хамбург, во деветтото коло од Бундеслигата.