Кочов доби загубен, Петрески загуби добиен натпревар

0Shares
0 0

Исклучително интересни и неизвесни натпревари одиграа екипите на македонските стручњаци во странство Бурсаспор и Кемниц.

Бурсаспор, каде во стручниот штаб е Мирко Петрески, гостуваше кај Будуќност во рамките на Еврокупот и загуби со 82-83 иако во третата четвртина водеше со 16 поени разлика (64-48). Во последниот квартал беше и +15 за турскиот тим (75-60), но потоа дојде до неверојатен пад. Будуќност почна да ја топи негативата за на четири секунди пред крајот, при водство на гостите од 82-80, Сили да постигне кош под фаул по што реализира слободно фрлање и ѝ ја донесе победата на својата екипа.

Последните десет минути му припаднаа на Будуќност со 25-9. Победа ќе ја однесеше Бурсаспор во комотната зона, а вака уште ѝ виси пласманот во нокаут фазата.

Сосема спротивна беше ситуацијата на дербито од германското првенство меѓу Кемниц и Готинген од аспект на Ѓорѓи Кочов. Неговиот тим губеше со 67-83 на помалку од седум минути пред крајот и се чинеше дека ќе загуби. На 3:34 пред последниот звук на сирената беше 75-86 кога почна неверојатната серија на Кемниц.

Во финишот, тимот на Кочов направи серија од 12-0 и славеше со 87-86 за четврто место на табелата во Бундеслигата. Кошот за победа го постигна Вимберг на 21 секунда пред крајот. Ова е трета победа по ред и шеста во последните седум кола за Кемниц.

0Shares
0 0