Германија од вчера е светски шампион во кошарка, првпат во историјата на овие натпреварувања. Во финалниот меч, Германците совладаа репрезентација од држава со многу подолга традиција, со многу повеќе освоени трофеи и медали и со еден куп легенди во овој спорт.
Далеку од тоа дека сребрениот медал за Србија е неуспех, особено во ситуација кога селекторот Светислав Пешиќ не можеше да смета на 7-8 врвни кошаркари, некои од најдобрите на планетата во моментов. Сепак, Германија го заслужува сиот респект за освоениот трофеј, но и за својот напредок во кошарката која е далеку зад фудбалот според популарноста во оваа земја. Тоа е втор голем успех за германската репрезентација, по титулата на Европското првенство во 1993 година, а доаѓа една година по бронзата освоена на континенталниот шамоионат.

Веќе трета сезона, во германската кошарка работи младиот македонски стручњак Ѓорѓи Кочов кој е дел од стручниот штаб на Кемниц. Не може да се каже дека е перспективен бидејќи тој е веќе докажан во тренерската работа, со шампионска титула освоена со МЗТ Скопје, но 38-годишниот скопјанец полека го пробива својот интернационалец пат. Како веќе искусен во германската кошарка, Кочов најдобро може да ги објасни причините поради кои таа бележи се поголеми успеси, како на клупско, така и на репрезентативно ниво.
„Бевме сведоци на едно од најинтересните првенства можеби во историјата. Пресреќен сум што две европски држави, за мене многу блиски, играа во финалето и покажаа во која насока треба да се развива кошарката, а тоа е тимска игра и големо залагање во одбраната.
Тоа што Германија е светски шампион во кошарка за мене не е никакво изненадување бидејќи веќе трета сезона работам во ББЛ. Во кошарката, а и во животот генерално, ништо не е случајно, а титулата на Германија најмалку. Многу пати со мои пријатели во Скопје сме дискутирале за кошарката во Германија, особено откако добро го запознав нивниот систем на работа и организација. Се започнува со организацијата и условите, тие се клучни за да се стигне до голем успех. Токму такви супер организирани клубови од ББЛ ги создадоа овие играчи кои денес се светски шампиони. Ниеден успех или неуспех не е последица на само една работа, но организацијата и условите се клучот без кој сето тоа е невозможно.

За жал, само кај нас на Балканот, тоа е сосема спротивно. Само кај нас се бара некој успех на кратки патеки, а притоа се занемарува организацијата и не се гледа големата слика, односно визијата за тоа како треба да изгледа еден клуб. Само кај нас уште се верува дека репрезентацијата создава играчи, а не клубовите. Тоа е сосема погрешно и без никаква логика. Исто така е тотално погрешно тврдењето дека ако нема странци, ние ќе создаваме екстра играчи. Не е доволно играчите само да излезат и да играат, треба да се работи со нив, но да се работи правилно за да можат да играат модерна кошарка.
Ќе дадам само еден пример. Во клубовите од германската Бундеслига нема ниеден домашен тренер, а во 18. екипи работат само неколкумина помошници кои се Германци. Во Бундеслигата е неограничен бројот на странски кошаркари, но на еден натпревар, во тимот можат да бидат максимум шестмина. Во втората лига (Про А) имаат право да се регистрираат шестмина странци, а во третата (Про Б) четворица. Во регионалните, четврти лиги, може да игра еден странец. Со сите овие факти, а со нашето тврдење дека е важно да играат само домашни кошаркари, како е можно Германија да стане светски шампион? За да има успех и да се создадат играчи, прво треба да има организација, финансии и правилна работа со најмладите, како и нивна правилна обука за да можат да играат модерна кошарка. Нема да им помогнеме на македонските кошаркари со тоа што ќе забраниме странци, вистинската помош е работа со нив, макотрпна работа во текот на целата година бидејќи друг пат не постои.

Ако погледнеме малку подобро како игра германската репрезентација, ќе забележиме дека тоа е скоро идентично со германските клубови: пикенрол напад со одличен спејсинг каде акциите после акции се поважни од самите акции. Акциите после акцијата се тие кои креираат paint touches и квалитетни шутеви.
Ако го анализираме финалето, Германија заслужено победи бидејќи според мене беше подобар тим. Сепак, сметам дека она што го постигна Србија е еднакво на чудо, со оглед на ситуацијата во српската лига. Овој сребрен медал на српската репрезентација е повреден и од злато ако се има предвид целокупниот развој на настаните во тамошната клупска кошарка“, анализира Кочов.

Интересен е пласманот на германската репрезентација на големите натпреварувања во последната деценија и тој најдобро зборува за напредокот на кошарката. Во 2013 година, Германија беше 17-пласираната на Европското првенство во Словенија, на следниот шампионат беше и 18., во 2017 го освои шестото место, а лани беше трета. На олимписките игри настапи само во 2021 во Токио каде го освои осмото место од 12 репрезентации. На мундијалите, во 2014 година не учествуваше, во 2019 година беше 18. за вчера да се закити со титулата и тоа без ниеден пораз.
Во тимот што ја освои шампионската титула на Светското првенство, само четворица кошаркари се од Бундеслигата и тоа тројца од Баерн и еден од Алба, екипи кои не стигнаа ни до финалето на домашното првенство бидејќи таму се сретнаа Улм и Телеком Бон. Од овие екипи, кои се преполни со странци, нема ниеден претставник во националниот тим.