Се во играта на Денвер Нагетс се врти околу Никола Јокиќ и тоа не е никаква новост бидејќи така е веќе години наназад.
Сепак, од статистиката оваа сезона може да се заклучи дека Денвер не профитира од ефикасноста на својот најдобар кошаркар, туку од неговата умешност да ги разигра останатите. Сите три натпревари во годинашниот плејоф, на кои Јокиќ постигна 40+ поени, екипата на Денвер ги загуби, а да биде иронијата поголема, екипата од Колорадо има вкупно четири порази во ова разигрување.
На четвртиот натпревар од серијата против Минесота, центарот броеше до 43, но Вулфс славеа со 114-108. Најефикасен меч на Јокиќ беше четвртиот против Феникс кога постигна 53 поени, но повторно Денвер загуби, сега со 124-129. Синоќешниот меч со Мајами е трет во оваа низа, во него Србинот стигна до 41 поен.
Овој пораз беше и прв на домашен терен за Нагетс, а очигледна беше промената во тактиката на Мајами кој дозволи Јокиќ да игра, но не и да ги разигра останатите кошаркари на Денвер.