Со два натпревара, денеска официјално почнува 32. сезона во Првата македонска кошаркарка лига (31. ако не се смета корона сезоната во која не беше прогласен шампион).
Титулата повторно ја брани МЗТ Скопје и според досега виденото, сега ќе има најтешка задача да ја одбрани. Најголемиот ривал на аеродромци, Работнички направи исклучително силна екипа, собра неколку македонски репрезентативци, како и четворица екстра странци и се освен освојување на титулата за 15-кратниот првак ќе биде дебакл од епски размери, со оглед, меѓу другото и на тоа што од клубот не кријат дека располагаат со огромен буџет. Во Градски парк летово се вратија Стојан Ѓуроски, Бобан Стајиќ, Кристијан Николов и Виктор Ефремовски, од ланскиот состав останаа Бакоч, Тодоровски, Бошалески и Шошкиќ, а тука се уште четворицата странци: Дмитрик Трајс, Ѓорѓе Џелетовиќ, Квентон Декоузи и Роберт Рикиќ. Со седум репрезентативци и четворица квалитетни странски играчи, Работнички не смее да си дозволи да остане на само една шампионска титула во 15 години.

Можеби се би било идеално во редовите на поранешниот првак да не постои МЗТ Скопје со својот шампионски менталитет и освоените 10 титули во последните 12 сезони. Покрај тоа, аеродромци ги имаат родените шампиони Војдан и Дамјан Стојановски, плус Бојан Крстевски кој е како старо вино и игра се подобро со текот на годините. Тројцата, заедно со Дамјан Робев повторно ќе бидат основа на МЗТ Скопје. Кога станува збор за засилувањата, МЗТ Скопје летово се одлучи за младост пред искуство, па единствениот повозрасен нов играч во тимот е 30-годишниот Марко Баковиќ. Расел и Ворку имаат по 24, Танасковиќ 22, Миловановиќ 21, а Марин Петков 20 години што можеби е ризик ако се знае состојбата кај ривалот од другата страна на Скопје, но во исто време е влог во иднината. Тука е и 21-годишниот Андреј Андоноски кој во финишот од минатата сезона покажа дека на него треба сериозно да се смета. МЗТ Скопје ќе игра во АБА 2 лигата што значи дека ќе има порастоварен распоред во однос на минатата сезона и тоа е добра шанса да се фокусира на домашните обврски и да го одбие ударот од Градски парк.

Својата шанса од втор план ќе ја бараат вицешампионот Пелистер и ТФТ Моцарт. Битолчани поминаа низ реорганизација, сменето е комплетното раководство и со нови мотиви и желби влегуваат во новата сезона. И составот доживеа промени, дојдоа неколку познати кошаркари од домашното првенство и нови странци и екипата секако ќе се обиде да го повтори успехот од претходните две сезони. ТФТ Моцарт претходните две сезони се наметна како значаен фактор во домашната кошарка, во текот на летото донесе млади, но и искусни играчи и главна цел ќе му биде да им ги помати сметките на фаворитите.

Гостивар, Еуро Никел, Чаир, Кожув и Феникс се петте екипи кои ќе се борат за останатите четири места во плејофот. Една од нив ќе испадне од конкуренција за највисок пласман, но тешко е да се прогнозира која бидејќи сите се блиску според квалитетот.

Неизвесната ситуација околу опстанокот на клубот ја прави Академија ФМП прв кандидат за испаѓање иако во моментов не се знае дали ќе остане во Скопје или ќе се пресели во Струмица, но не се знае ни играчкиот кадар. Вардар и Охрид ќе се обидат да го избегнат најлошото и да се не вратат во Втората лига по само една сезона во елитата. Вардар ќе игра со целосно домашен состав како единствен прволигаш без странци и со исклучително млади кошаркари, но далеку од тоа не е ни Охрид иако има двајца странски кошаркари во тимот.

Промената на правилото за странци на терен може да биде од исклучителна важност оваа сезона. За разлика од претходните пет години, сега во исто време во игра можат да бидат сите четворица странски играчи, па сигурно честа ќе биде појавата, на терен да има само двајца Македонци. Не е за занемарување и фактот што пет екипи ќе настапуваат на меѓународна сцена што значително ќе им го згусне распоредот, а веројатно ќе биде и дополнителен напор за кошаркарите.
Новиот шампион на Македонија би требало да се знае кон крајот на мај или почетокот на јуни, во зависност од тоа колку долго ќе траат плејоф сериите. Како најтрофеен и оваа сезона влегува Работнички со 15 титули, но МЗТ Скопје опасно му се приближува и веќе стигна до 10.