Женската јуниорска репрезентација на Македонија дојде до првиот триумф на Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Софија, во првото коло од борбата за пласман од 9. до 18. место.
Кошаркарките на Јелена Антиќ беа подобри од Норвешка со 72-57 со што делумно ги заборавија убедливите поради на претходните четири натревари. Одлучи фуриозниот почеток, односно првата четвртина во кој Македонија широко си ги отвори вратите кон победата на овој меч.

Освен што отвори со 6-0, македонската репрезентација подоцна направи серија од 18-0, па на стартот од вториот квартал веќе имаше убедливи 28-6. Оттогаш, до крајот, Норвешка не успеа да се симне на едноцифрена негатива и да ја загрози победата на нашите кошаркарки.
Најголема заслуга за победата имаше триото Начевска-Николиќ-Николов кое постигна две третини од вкупниот број поени на македонската репрезентација. Начевска, која има само 16 години, беше најефикасна со 20 поени, Николиќ оствари дабл дабл со 14 поени и 12 скока, а Николов реализира 15 поени. За нашата селекција, претстои дуелот против Велика Британија кој се игра утре од 14:30 часот.