Аргентинскиот репрезентативец во редовите на Црвена Звезда, Лука Вилдоса се повреди вечерва, на првиот меч од финалната серија на српското првенство.
Бранителот на титулата го совлада ФМП со 94-70 со што дојде на чекор од нов шампионски трофеј, но немир во редовите на Звезда донесе еден од најдобрите играчи во екипата. Вилдоса на теренот помина само 13 минути по што се пожали на повреда и ја напушти играта.
По натпреварот, тренерот Душко Ивановиќ изјави дека најверојатно се работи за истегнување на препоните, но српските медиуми тврдат дека повредата не е баш толку наивна како што сака да ја претстави црногорскиот стручњак. Вилдоса веќе имаше слична повреда, непосредно пред крајот на 2022 година поради што мораше да паузира еден месец.
Сега, таа доаѓа на четири дена пред почетокот на финалната серија од АБА лигата. Во текот на викендот веројатно ќе има повеќе детали во врска со состојбата на Вилдоса, но неговото евентуално отсуство ќе биде огромен проблем за Црвена Звезда која повеќе од две недели беше надвор од натпреварувачки ритам.