Кожув не најде одговор за Рикиќ и е се подалеку од плеј-офот

0Shares
0 0

Хрватскиот интернационалец Роберт Рикиќ одигра извонреден натпревар и е најзаслужен за шестата победа во низа на Еуро Никел.

Кавадарчани го совладаа Кожув со 84-75 и останаа на втората позиција на табелата иако е можно до крајот на основниот дел од сезоната да паднат нешто подолу. Од друга страна, Кожув го претрпе можеби клучниот пораз и сега само теоријата може да го однесе во разигрувањето за титулата.

Гевгеличани играа одлично, во втората четвртина имаа водство и од шест разлика за подоцна контролата врз играта и резултатот да ги преземе Еуро Никел. Во третиот период домаќините имаа и двоцифрена предност 55-45, но и тоа не беше доволно за да го скрши отпорот на жилавиот противник.

Упорноста се исплатеше и на почетокот од последниот квартал Кожув повторно се најде во водство, од 69-65, подоцна и со 72-68. Клучна беше серијата од 12-1 со која Еуро Никел го сврте резултатот во своја корист и поведе со 80-73 на околу 100 секунди пред крајот.

Рикиќ го заврши натпреварот со 29 поени и 14 скока за индекс 42. Дарко Соколов, исто така, одигра одлично и постигна 13 поени и 8 скока.Кај Кожув, Лок реализира 20 поени.

0Shares
0 0