Првпат по 2013 година и седми во историјата, екипата на Партизан е освојувач на шампионската титула во АБА лигата.
Во исклучително драматичното финале, „црно-белите“ го совладаа својот најголем ривал Црвена Звезда со 3-2 откако вечерва, пред повеќе од 22 илјади гледачи славеа со 96-85. И покрај големата тензија, денешниот натпревар помина во прекрасна, спортска атмосфера, без прекини и инциденти што дава дополнителна тежина на успехот на Партизан.
Ваквиот расплет на настаните се должи, пред се, на одличното прво полувреме на домашниот тим иако Звезда во финишот ја врати драматиката и се закани дека може да дојде до триумфот. Со девет тројки во првите 20 минути, Партизан замина на голем одмор со огромна предност од 20 разлика (54-34).
Звезда одигра фантастична трета четвртина во која постигна 34 поени и намали 13 поени од негативата. Можеби клучен момент на мечот беше промашеното слободно фрлање од Немања Недовиќ при резултат 75-79 бидејќи ако, евентуално, го реализираше, Звезда ќе се доближеше на три поени, односно еден посед. Во следниот напад Партизан поентираше, а потоа многу порастоварено го приведе мечот кон крајот.
Убедливо најдобар играч на натпреварот беше Кевин Пантер кој постигна 32 поени за безмалку 36 минути на теренот. Кај Звезда се истакнаа Добриќ (18 поени) и Бентил (15), но потфрлија клучните играчи како Вилдоса кој за 21 минута реализира само 6 поени и индекс -3 и Кампацо (10 поени за 31 минута) иако имаше 8 асистсенции и 5 украдени топки.
Со овој триумф, Партизан си обезбеди место во Евролигата за идната сезона иако многу веројатно таму ќе биде и Црвена Звезда.