Трет пат во последните осум години и 11. во историјата, Реал Мадрид ја освои титулата во Евролигата, по денешната ретко видена драма во финалето против Олимпијакос.
Не можеше да биде поинаку за „кралскиот клуб“ кој на драматичен начин се пласира на Ф4, со голем пресврт ја победи Барса во полуфиналето, а со кош на три секунди пред крајот, вечерва славеше со 79-78. Херој повторно беше Љуљ кој ги постигна поените за победа, но тој само изврши егзекуција откако претходно, теренот за тоа му го подготви фантастичниот Серхио Родригес.
Да биде иронијата поголема, Реал повторно беше во двоцифрена негатива, сега од 12 разлика, но во првата четвртина кога Олимпијакос водеше со 24-12 и со седум во последниот квартал. До полувремето, мадридскиот тим успеа да израмни (45-45), а потоа почна жестоката борба за секој кош. Вториот дел не понуди толку атрактивна и ефикасна игра како во првиот, но затоа донесе неверојатна драматика.
На шест минути пред крајот беше 74-67, а на две 78-72 за Олимпијакос, но веројатно и тогаш, кошаркарите на грчкиот тим знаеја дека ништо не е готово. На сцена стапи Родригес кој прво намали на -4, а на 46 секунди пред крајот со тројка и на само еден поен негатива (77-78). Мустафа Фал во следниот напад не успеа да погоди флоутер и на Реал му останаа 19 секунди да организира акција за победа.
Вокап го искористи четвртиот фаул до бонусот, Матео зеде тајм аут, но сите знаеја каде ќе оди топката и каква ќе биде акцијата. „Милион“ пати видена ситуација кога е Реал во прашање: Љуљ и Таварес одиграа пикенрол, противничките играчи презедоа, плејмејкерот на мадридскиот тим дојде до пост и оттаму, преку 221 сантиметар високиот Фал погоди за 79-78. Неверојатно звучи податокот дека тоа беше единствен кош на Љуљ на овој натпревар. На Олимпијакос му останаа три секунди, Слукас се обиде, но не е лесно да се постигне кош по ваков шок.
Бадијала беше фантастичната партија на Александар Везенков кој постигна 29 поени и 9 скока, Кенан додаде 21 поен. Кај Реал, со 15 поени, прв стрелец беше 36-годишниот Серхио Родригес кој заедно со Љуљ има најголема заслуга за оваа титула, не само поради петте поени во финишот вечерва, туку и за она што го направи против Партизан во „мајсторката“ и против Барселона во полуфиналето. Искусниот плејмејкер оствари и девет асистенции што најдобро зборува за неговиот придонес во финалето. Сепак, за МВП на завршниот турнир беше прогласен Валтер Таварес кој денеска имаше дабл дабл со 13 поени и 10 скока.
Реал по 11. пат е шампион на Европа, а Олимпијакос и по една деценија останува на чекање за четвртиот пехар во клупската историја.