Последните три години МЗТ Скопје е доминантна сила во македонската кошарка, му избега само еден трофеј од можните осум и како голем фаворит влегува во дуелот со Феникс.
Исклучително важен дел од успесите на клубот беше искусниот центар Бојан Крстевски кој од 2019 година е во МЗТ Скопје, а летово го продолжи договорот со аеродромци. Очекувано, тој се надева на свој хет-трик во Суперкупот и триумф кој дополнително ќе ја крене самодовербата пред почетокот на домашното првенство и АБА 2.
„Зад нас е подготвителен период од еден месец во кој одигравме неколку пријателски натпревари и можевме да воочиме до каде сме и на физички и на тактички план. Денешниот меч е нешто друго, тука нема импровизации и треба на дело да го покажеме она што го работевме досега.
Феникс претрпе многу измени во составот во однос на минатата сезона, има четворица нови странски кошаркари и не знаеме што не очекува. Сепак, фокусот е на нас и на нашата игра и ако бидеме агресивни во одбраната и задржиме високо ниво на ритам во текот на целиот натпревар, можеме да дојдеме до трофејот“, изјави Крстевски за КОШ.МК.