Поминаа 28 години од еден од најконтроверзните моменти во историјата на европската кошарка, а опашките од него се уште се влечат на просторите на поранешна Југославија.
При доделувањето на медалите на Европското првенство во Атина, на кое титулата ја освои СР Југославија, хрватската репрезентација не го дочека интонирањето на химната, туку претходно замина во соблекувална. Во овие речиси три децении се изнаслушавме разни приказни за тоа, кои биле причините за ваквиот потег, а последната од нив ја изнесе Тони Кукоч кој беше дел од таа хрватска репрезентација.
„Да можам да го вратам времето, не би го направил тоа повторно, но во тој момент постоеше некој револт кај нас. Не толку поради омразата кон Србија и српските кошаркари, туку едноставно поради самата Хрватска, поради гордоста, поради тоа кои сме и што сме“, изјави Кукоч.
На оваа тема порано зборуваше и Дино Раѓа кој имаше сосема поинаква изјава. Тој велеше дека наредбата стигнала од највисокото раководство на државата и дека тие не смееле да ја одбијат. Помладите треба да знаат дека сето тоа се случуваше за време на војната во поранешна СФР Југославија во која директно инволвирани беа Србија и Хрватска. Најинтересно е тоа што од таа 1995 година, хрватската репрезентација не освои ниеден медал на големите натпреварувања.