Турскиот прволигаш неочекувано се најде во исклучително тешка ситуација откако главниот спонзор Улудаг, преку својот бренд Фрути Екстра одлучи да се повлече.
Оваа компанија го финансираше клубот од 2019 година, заедно ги поминаа најдобрите денови во кратката историја на Бурсаспор, но ако не се најде соодветна алтернатива, можно е да престане да егзистира. Бурсаспор беше вистинско освежување во европската кошарка последните две години, лани стигна до финалето на Еврокупот каде доживеа пораз од Виртус, а оваа сезона повторно играше во плејофот од истото натпреварување, но не со таков успех.
Бурсаспор постои од 2014 година, во 2019 дебитираше во Првата лига на Турција, но за кратко време успеа да го засени далеку попознатиот и поуспешен градски ривал Тофаш. Оттаму излегоа голем број кошаркари кои доживеаја целосна играчка афирмација и подоцна најдоа клубови во Евролигата каде и сега играат со голем успех.
Поради неочекуваниот развој на настаните, во прашање е доведена иднината на тренерот Душан Алимпијевиќ иако тој има договор и за претстојната сезона. Лани, во периодот на најголеми успеси на клубот, во стручниот штаб на Бурсаспор беше и Македонецот, Мирко Петрески кој имаше голем придонес за резултатите на екипата.