Македонската селекција до 18 години доживеа убедлив пораз во својот прв натпревар на Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Матосињос.
Во второто коло од шампионатот, нашиот тим е совладан од Велика Британија со 68-84 и со тоа драстично си ги намали шансите за пласман во нокаут фазата. За да влезе меѓу осумте најдобри, на македонската јуниорска репрезентација ѝ се потребни победи во преостанатите три меча од групата во која се уште Исланд, Австрија и Норвешка.

Денешниот натпревар помина во доминација на Велика Британија која уште од почетокот на мечот покажа дека е решена да дојде до триумфот. Во осмата минута имаше двоцифрено водство (15-5), а на крајот од четвртината беше 17-9. Вториот период беше најдобар што го одигра македонската репрезентација бидејќи во него не само што успеа да ја стопи негативата, туку и поведе со 26-25 по кошот на Марко Луканоски. За жал, не успеа да го задржи ритамот, до крајот на полувремето Британија направи 9-1 за 34-27 и можеби веќе со таа серија го скрши моралот на нашата селекција.
Тоа можеше да се забележи по лошиот влез на Македонија во третиот квартал, па на средина од него веќе беше 56-33, негатива која нашата селекција не успеа да ја загрози до крајот на натпреварот.

Најдобар играч кај Македонија на овој меч беше Марко Луканоски кој постигна 22 поена и 9 скока, двоцифрени беа уште Шошкиќ со 12 и Јаничиќ со 11. Сепак, Британците доминираа под кошевите каде остварија 15 скока повеќе (53-38) што покрај подобриот шут од игра (55%-45%), беше еден од факторите за нивна победа.
Својот втор натпревар на првенството, Македонија го игра утре од 16:30 часот, а противник е Австрија која има максимален ефект по првите два меча.