Само неколку месеци откако се врати во Македонија преку неговиот поранешен клуб МЗТ Скопје, репрезентативец Андреј Магдевски одлучи повторно да замине во странство.
На почетокот на декември го засили холандскиот Донар Гронинген, а со настапите во BNXT лигата покажа зошто важи за еден од најдобрите македонски кошаркари. Со својата екипа стигна до финалето на холандското првенство, Донар Гронинген беше на неколку секунди од титулата, во финишот имаше и 16 поени разлика, но на чуден начин го загуби сето тоа.

Во меѓувреме тимот го заврши својот настап и во регионалното натпреварување, па Магдевски е веќе дома каде ги сумира емоциите и она што му се случуваше претходните десетина месеци.
„Турбулентна и тешка сезона е зад мене, особено на индивидуален план, со многу подеми и падови, но од ова ново искуство во мојата кариера ќе се обидам да ги памтам позитивните работи и да извлечам поука од не толку убавите ситуации, посебно од почетокот на сезоната.

Она што се случуваше во финалната серија против Леиден беше чудо. Можам да кажам дека поразот во петтиот натпревар е најтежок во мојата кариера и сигурно нема никогаш да го заборавам. Изгубивме нешто што не може да се изгуби, во последните минути во кои голема улога играа и неколкуте сомнителни одлуки на судиите“, вели Магдевски.
Неговиот договор со Донар Гронинген беше со важност до крајот на сезоната, така што тој во моментов е слободен играч.
„Ова беше мој прв настап во холандската лига и можам да кажам дека е многу потценета затоа што има многу добри домашни играчи, млади странци на кои им е отскочна даска, условите се на високо ниво, секој тим е добро организиран и професионално се работи.
Тукушто ја завршив сезоната и немам важечки договор со Донар за претстојната. Ќе видиме што ке се случува, најважно е што сум жив и здрав и побогат со многу искуства кои се надевам ќе ми помогнат во продолжение од кариерата“, додава плејмејкерот.

Македонската репрезентација во август ја очекува настап во претквалификациите за Олимписките игри во Париз. Нашиот национален тим е во групата во Талин, со домаќинот Естонија, потоа Чешка и Израел. Магдевски нема дилема околу својот настап во репрезентацијата чиј стандарден член е години наназад.
„Голема чест е да се носи националниот дрес и секогаш кога сум бил повикан сум се појавувал, секако ако сум бил физички здрав. Така ќе остане и во иднина“, завршува Магдевски.