Мајами Хит е на добар пат дополнително да го засили својот состав пред новата сезона и да се обиде да го оствари тоа што го испушти последната сезона.
Тимот од Флорида стигна до големото финале по неколку сензации на патот, но немаше сили да го совлада Денвер Нагетс предводен од Никола Јокиќ. Ако се остварат најавите, во новата натпреварувачка кампања, титулата ќе ја брка со досегашниот играч на Портланд, Дејмијан Лилард.
Тој јавно побара трејд затоа што смета дека со Блејзерс нема шанси да се бори за трофејот, а и покрај интересот од многу екипи, единственото место каде што сака да се пресели е – Мајами.
„Разговарав со многу франшизи, некои јас ги барав, а мнозинство ме побараа, но на сите им го реков истото: Дејмијан сака да игра за Мајами и точка. Моја работа е да го направам она што клиентот го бара од мене“, објасни менаџерот на Лилард, Арон Гудвин.
Познато е дека за Лилард беа заинтересирани Бостон, Клиперс, Филаделфија, Њу Орлеанс, Бруклин и Јута, но ниеден од нив за него не е атрактивен како Мајами Хит.